Author: q68x5

Општински натпревар по природни науки

На 27 февруари 2026 година,
се одржа Општинскиот натпревар по природни науки, на кој учествуваа нашите млади научници од V одделение и ги постигнаа следниве резултати:
ДИПЛОМА ІІI НАГРАДА – Христина Велковска
ПОФАЛНИЦА – Јован Атанасов

Ментор, предметен наставник по природни науки: Васе Велков
Честитки до двајцата!
Горди сме на нивното постигнување и на достојното претставување на нашето училиште. Нивниот успех е резултат на посветеност, упорност и љубов кон природните науки. Им посакуваме многу успех на Регионалниот натпревар!

Општински натпревар по хемија

Општински натпревар по хемија

На 20 февруари 2026 година, нашето училиште беше домаќин на Општинскиот натпревар по хемија, во организација на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија. На натпреварот учествуваа седум училишта од општините Струмица и Босилово, со ученици од VII, VIII и IX одделение.
Нашите ученички, под менторство на наставникот Васе Велков, ги постигнаа следниве резултати:
🙋 VII одделение
🥉 Лара Ташурова – III награда
📃 Симона Малинова – Пофалница
📃 Ивона Ѓоргиева – Пофалница
🙋 VIII одделение
📃 Славица Филева – Пофалница
📃 Стефани Трнковска – Пофалница
🙋 IX одделение
📃 Василија Филева – Пофалница
📃 Ванеса Малинова – Пофалница
📃 Маријана Малинова – Пофалница
👏 Честитки до сите наши ученички за одличното претставување!
🌟 Само Лара Ташурова се пласира на Регионалниот натпревар, кој ќе се одржи на 17 април 2026 година. Горди сме на нејзиното постигнување и на достојното претставување на нашето училиште.
📚 Нејзиниот успех е резултат на посветеност, упорност и љубов кон природните науки.
🍀 Многу среќа на Регионалниот натпревар, Лара! 🍀

Свечена академија: ООУ „Св. Кирил и Методиј“ од Дабиље одбележа три големи јубилеи

Свечена академија: ООУ „Св. Кирил и Методиј“ од Дабиље одбележа три големи јубилеи

На 07.12.2025 во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица се одржа Свечена академија по повод три значајни јубилеи на Општинското основно училиште „Св. Кирил и Методиј“ од Дабиље – 160 години училиште на македонски народен јазик, 80 години образование на македонски литературен јазик и 65 години организирано основно образование.

Градоначалникот на општина Струмица, Петар Јанков, во своето обраќање упати голема благодарност до сите наставници, потенцирајќи ја важноста на нивната мисија. „Како што и нашите најголеми просветители Светите Кирил и Методиј, чии имиња гордо ги носи ова училиште, така и вие ја продолжувате нивната мисија – да го ширите знаењето, да го чувате јазикот, да ја будите љубопитноста и да ги водите новите генерации кон светлината на образованието“, кажа Јанков. Тој додаде дека наставниците се „херои на секоја генерација“, а на учениците им порача дека „се смислата на ова училиште и иднината што ќе се гради заедно“.

Градоначалникот истакна дека училиштето ќе продолжи да биде дом на вредности, знаење и напредок, а Општина Струмица ќе остане силен партнер во подобрување на условите за образование и поддршка на наставниците и учениците.

Директорот на училиштето, Васил Бубев, во своето обраќање посочи дека јубилеите не се само бројки, туку приказни, животи и генерации. „Тоа сме сите ние, собрани околу иста цел – создавање подобра иднина за нашите деца. Нека овој ден биде потсетник дека имаме обврска да продолжиме да градиме, да чуваме и да напредуваме со нови идеи, нова енергија и нови успеси“, рече Бубев.Познатиот фолклорист од Струмица, Иван Котев, во своето обраќање истакна дека јубилеите „обврзуваат и поврзуваат“ и дека овој свечен собир не е само сеќавање или час по историја, туку „вистинска историја – историја на едно време, на растеж и на поглед кон тоа каде сме биле и каде сме денес“. Тој ја нагласи долгата и тешка борба за слобода, независност и за правото на сопствен македонски мајчин збор.

Новинарката, поетеса и македонист, Сузана Мицева, родум од Дабиље и поранешна ученичка во училиштето, се обрати со емотивни зборови, нагласувајќи дека е голема чест да се говори за училиштето каде што започнала нејзината образовна приказна. Таа истакна дека секој се мери со времето во кое живее народ што со век и половина ја продолжува традицијата на училиште на свој мајчин јазик, додавајќи дека „го дишеме мекото слово на азбуката родено од трудот и духовната тишина на Светите Кирил и Методиј“.

Меѓу познатите личности кои учеле во оваа училиште се и браќата Миле и Ѓорги Барбаровски. Синоќа на свеченоста беше и Ѓорги Барбаровски, познат текстописец на најдобрите македонски новосозадени песни, меѓу кои и на безвременскиот хит „Заветна“ во интерпретација на Пепи Бафтировски, а на свеченоста тој пред публиката и ја запеја, која во еден глас пееше со него.

Свечената академија беше збогатена со музичка и рецитаторска програма во изведба на училишниот хор, солисти-инструменталисти и рецитатори од училиштето. Беа доделени и неколку благодарници, а свечениот дел го затворија инструменталистите Васил Атанасов В’чев (обоа), Катерина Гелебешева Костадиновска (пијано) и Влатко Митев (фолклорен тапан). По завршувањето, присутните имаа можност да ја погледнат и изложбата на ученички цртежи. /Р.Ѓ./